Трамп вели дека очекува три претседателски дебати со Харис

Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави во четвртокот дека е подготвен да учествува во три дебати на различни медиуми со неговата демократска ривалка Камала Харис во септември.

Телевизиската мрежа ABC News објави на платформата X дека ќе биде домаќин на претседателската дебата на 10-ти септември и дека и Трамп и Харис се согласиле да учествуваат.

За време на прес-конференцијата во неговата резиденција во Палм Бич, на Флорида, Трамп рече дека сака да ги одржи дебатите на 4-ти, 10-ти и 25-ти септември, чии домаќини би биле телевизиите Fox, ABC и NBC.

Трамп не прецизираше конкретни услови, како на пример дали би имало присуство на публика, а не е познато дали неговите соработници му ги предложиле другите два датума на неговиот противник.

Тимот собран околу актуелната потпретседателка Харис засега не ги коментираше дискусиите.

Прес-конференцијата беше прво појавување на Трамп во јавноста откако Харис во вторникот го избра гувернерот на Минесота, Тим Волц, за свој потпретседателски кандидат.

Харис и Волц ги водеа митинзите во сојузните држави Пенсилванија, Мичиген и Висконсин оваа седмица, според медиумите привлекувајќи десетици илјади присутни и покажувајќи како нејзиното доцно влегување во трката повторно ги засили демократите.

Нејзиниот брз раст на поддршката го натера тимот на Трамп да ја преформатира својата стратегија и пораките.

Анкетите на медиумите наклонети на демократите покажуваат дека Харис наводно го анулирала водството што Трамп го изгради пред претседателот Џо Бајден, а демократите собраа стотици милиони долари од гласачи и големи донатори за неколку седмици.

Бајден се откажа од својата кандидатура пред две ипол седмици под притисок на сопартијците загрижени за неговите шанси да победи на изборите на 5-ти ноември по слабите резултати во дебатата против Трамп а особено од сѐ поизразените ментални проблеми.

На прес-конференцијата во четвртокот, Трамп вети и „мирен трансфер“ на власта доколку ноемвриските претседателски избори на кои тој е кандидат се „фер“, додека неговите демократски ривали се загрижени дека тој нема да го признае резултатот во случај на пораз, како во 2020 година за што тој сѐ уште тврди дека се украдени во полза на Бајден.

„Секако дека ќе има мирен трансфер (на власта), како што беше случајот минатиот пат (…) Само се надевам дека ќе имаме фер избори“, рече поранешниот претседател, без да ја спомене епизодата од упадот на неговите приврзаници на Капитол во јануари 2021 година.