Стечаите во Германија на највисоко ниво во последните десет години

Бранот стечаи во Германија се прошири во јули, достигнувајќи го највисокото ниво во последните десет години, објави Институтот за економски истражувања (IWH).

Во јули вкупно 1.406 компании поднеле барање за стечај, за една третина повеќе од целата мината година, пресметале во IWH во истражувањето објавено во четвртокот.

Институтот ги анализира последните податоци од судовите за барањата за прогласување стечај и ги поврзува со билансите на фирмите, забележува агенцијата dpa.

Кај 10 проценти од фирмите со најголеми приходи, стечаите ќе опфатат речиси 10.000 работни места, предупредуваат тие.

Во 2023 година, според Заводот за статистика, стечаи прогласиле 17.814 фирми, за 22,1 отсто повеќе од претходната година.

Бранот стечаи во јули ги зафатил сите сектори, но најголем скок забележа преработувачката индустрија со 145 барања во јули, 45 отсто повеќе од јуни.

„Податоците од август треба да покажат благ пад, но септември ќе донесе продолжување на нагорниот тренд. Ова значи дека бројот на барања најверојатно ќе остане над нивото пред пандемијата, изјави Штефен Мулер, шеф на истражувањето за банкрот во IWH.

Податоците на IWH за јули се надоврзуваат на истражувањето на „Falkensteg“, консултантска компанија за реструктуирање на бизнисот, според кое, во првата половина од годинава 162 компании со промет поголем од 10 милиони евра поднеле барање за стечај, што е 41 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Бранот стечаи, или банкротирања, на средните и големите компании во Германија беше поттикнат од повисоките цени на енергијата и материјалите и послабата побарувачка, со најмногу барања поднесени од компаниите во секторот на недвижности, добавувачите на автомобили и производителите на машини, ги цитира деловниот весник Handelsblatt резултатите од истражувањето. .

Во мај, Германската индустриска и трговска комора DIHK предвиде продолжување на нагорниот тренд, посочувајќи дека германската економија е попречена од структурни проблемим како што е недостигот од квалификувана работна сила.