Рамадани нема да се екстрадира во Србија сѐ до правосилна пресуда, одлучил скопскиот суд

Министерството за надворешни работи на Косово соопшти дека Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучил да не го екстрадира косовскиот државјанин Блерим Рамадани, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија.

Во денешното соопштение на Министерството се вели дека поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рамадани ќе остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

„Министерството за надворешни работи и дијаспора на Република Косово ја информира јавноста дека Советот на Основниот кривичен суд Скопје одлучи да не го екстрадира нашиот државјанин, г. Блерим Рамадани. Потсетуваме дека на 17.07.2024 година на граничниот премин Јажинце/Глобочица… беше фатен Рамадани, поранешен припадник на ОВК, врз основа на налогот за апсење на Србија кој беше издаден од ИНТЕРПОЛ. Г-дин Рамадани ќе го продолжи престојот во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда (по службена должност) на Врховниот суд на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен во јули на граничниот премин Јажинце. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ за време на посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули побара од скопските власти да ѝ го екстрадираат Рамадани на Србија. Прашањето за неговата екстрадиција беше отворено и при посетата на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Скопје на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно, обвинувајќи ја Србија дека има тенденција да ги расипува односите меѓу државите од Западен Балкан.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидува тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

Медиумите во Приштина потсетуваат дека Рамадани е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени.