Бразилските власти ги извлекуваат телата од авионската несреќа во која загинаа 62 лица

Бразилските власти работат во сабота за да ги извлечат останките на патниците од авионот што се урна во петокот во градот Винедо, во близина на Сао Паоло, при што загинаа сите 62 лица во авионот.

Најмалку 31 тело биле извлечени до 13 часот по локално време во саботата, соопшти државната влада на Сао Паоло. Телата на пилотот и копилотот се идентификувани, изјави Дарио Пачеко, градоначалник на Винедо.

Сите тела се префрлени во полициската мртовечница во Сао Паоло.

Меѓу загинатите има една Венецуелка и една Португалка, изјави претставникот на државната цивилна заштита Роберто Фарина, додавајќи дека веќе биле контактирани локални конзулати на двете земји.

Властите користат распоред за седење, физички карактеристики, документи и предмети како мобилни телефони за да ги идентификуваат жртвите, изјави пожарникар Мајкон Кришто на местото на настанот.

„Откако ќе се соберат сите овие докази, ќе ги отстраниме жртвите од остатоците и ќе ги сместиме во возило што ќе биде пренесено во Сао Паоло“, рече Кришто.

Роднините на жртвите беа донесени во Сао Паоло за да дадат примероци од ДНК и да помогнат во идентификувањето на посмртните останки, рече државниот координатор за цивилна заштита, Хенгуел Переира.

Таканаречената „црна кутија“ на авионот, која содржи гласовни снимки и податоци за летот, се анализира, изјави Марсело Морено, шеф на бразилскиот центар за истражување на воздухопловни несреќи Cenipa.

Авионот, турбоелисниот „ATR-72“, летал за Сао Паоло од Каскавел, во државата Парана, и се урнал во Винедо, на околу 80 километри северозападно од Сао Паоло. И покрај тоа што паднал во станбена зона, никој на земјата не е повреден.

„Авионот леташе нормално до десет минути пред несреќата, кога престана да одговара на повиците, а потоа беше изгубен контактот со радарот“, се вели во соопштението на бразилските воздухопловни сили. „Пилотите не пријавиле вонредна состојба или неповолни временски услови“, додаваат од воздухопловните сили.

Француско-италијанска компанија „ATR“, во заедничка сопственост на концерните „Airbus“ и „Leоnarod“, е доминантен производител на регионални турбоeлисни авиони со капацитет од 40 до 70 патници. Од „АТR“ во петокот за Reuters изјавиja дека нивните стручњаци се „целосно ангажирани“ во истрагата на несреќата.