Собранието денеска ќе ја започне 12. седница на која на дневен ред се 34 точки, меѓу кои, и ребалансот на Буџетот и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.
Пратениците од Левица најавија дека ќе бараат измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, да биде повлечен и за него да се организира јавна расправа. Реакција за законот изминатиов викенд имаше и од О2 Иницијативата.
На веб – страната на Собранието на предложениот дневен ред е наведено дека е повлечен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, по скратена постапка, а пратениците ќе ја разгледуваат Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.
На предложениот дневен ред на 12-та пленарна седница се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри и Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, двата во прво читање.
Во прво читање се и Предлог-законот за изменување на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, Предлог-законот за изменување на законот за прекинување на бременоста, Предлог-законот за изменување на Законот за евиденциите во областа на здравството, Предлог-законот за изменување на Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, Предлог-законот за изменување на Законот за ментално здравје, Предлог-законот за изменување на законот за континуирано стручно усовршување на докторите на медицина, Предлог-законот за изменување на Законот за доброволно здравствено осигурување, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог-законот за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад, Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за oдликувања и признанија на Република Македонија. Најголем дел од овие закони се предложени со цел усогласување со Законот за прекршоци.
На дневен ред на 12. седница се и повеќе предлог измени и дополнувања на законите од областа на културата, сообраќајот, шумите, ловството, спортот,…, кои треба да се донесат по скратена постапка, како и Предлог-просторниот план на Национален парк Пелистер 2016-2030.
Собранието треба да ги разгледа и предлог-законите за прогласување на Kањонот Матка и на Охридско Езеро за споменици на природата, како и на Студенчишко Блато за Парк на природата.