Вкупно 45 пожари на отворен простор имаше во текот на вчерашниот ден, од кои 32 се изгаснати, а три се ставени под контрола. Активни се десет пожари, од кои три на територија на Кичево, кај селото Патеец, кај селата Челопеци и Бигор Доленци и во село Зајас. Два активни пожара се во Македонски Брод, едниот на потегот кај „Јасен“ – Белица, а вториот кај селата Грешница и Слатина. Активни пожари има и во Пехчево, Новаци, Пласница, Неготино и Ресен, поточно пожарот од Галичица се шири во правец на врвот Магаро кон Стење.
Како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), под контрола е ставен пожарот на Илинска Планина и Плаќенска планина, на подрачјето на општинитеДемир Хисар и Охрид, каде била зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и букова шума.
Под контрола е ставен и пожарот во Општина Чашка, кај селата Ореше и Папрадиште и во Општина Делчево, кај депонијата.
Неколку изгаснати пожари има во Прилеп, кај селата Ропотово – Лажани, кај старите гробишта во Прилеп и кај Алфа Омега транспорт. Изгаснати се пожарите на територија на Кавадарци, Старо Нагоричане, Радовиш, кај село Злеово, во Тетово, на автопатот Тетово – Гостивар, кај патарина, во Општина Јегуновце, во Гостивар, општина Врапчиште, Општина Долнени, Општина Ресен, кај Градската депонија, во Општина Охрид, кај селото Опеница.
Во скопскиот регион, изгаснати се пожарите во општините Студеничани, кај селата Моране, Долно Количани и Љубош, Чучер – Сандево, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров, Општина Кисела Вода, на стариот пат за село Батинци и други.