Платите на британските извршни директори во 2023-та достигнале рекордно ниво

Раководителите на најголемите британски компании добиле рекордни плати во текот на минатата 2023 година, а девет компании на своите извршни директори им понудиле пакети во вредност од повеќе од 10 милиони фунти, покажува истражувањето објавено во понеделникот.

Просечната плата на извршен директор на компанија во составот на берзанскиот индекс FTSE-100 минатата година се зголемила за 2,2 отсто, на 4,19 милиони фунти, објави консултантската куќа „High Pay Center“, додавајќи дека растот на платите на извршните директори бил побавен отколку во претходните две години.

Така, просечната плата на извршен директор била 120 пати поголема од просечната плата на британски работник со полно работно време, покажа истражувањето.

Машиновозачите и матичните лекари се меѓу вработените во Велика Британија кои годинава ќе започнат протести поради платите или условите за работа.

„Зголемувањето на просечната плата на извршните директори одразува мал број на компании кои плаќаат навистина високи плати, но не и огромни зголемувања насекаде“, вели Лук Хилдијард од „High Pay Center“.

Хилдијард додаде дека Британија има „деловна култура која ги става интересите на инвеститорите пред работниците, клиентите, добавувачите и акционерите“.

Извршната компензација во водечките компании во Велика Британија предизвика гнев кај акционерите во последниве години, при што повеќето од нив го критикуваа јазот меѓу просечната заработка на работниците и платата на извршните директори.

Но, некои менаџери на фондови во Обединетото Кралство ги поддржуваат повиците да им се даде на одборите поголема флексибилност во плаќањето на врвните таленти за да се запре одливот на мозоци во земјите каде што платите се помалку актуелна тема.

Најплатен британски извршен директор бил Паскал Сорио од фармацевтската компанија „AstraZeneca“, кој заработи 16,85 милиони фунти. Следен е Ерик Енгстром од групацијата за информации и аналитика RELX, платен 13,64 милиони фунти, според истражувањето на „High Pay Center“, кој користел податоци од финансиските извештаи на компаниите.