Владата денеска ја одржа редовна седница на која донесе повеќе одлуки. Беше продолжена кризната состојба на целата територија на државата поради состојбата со пожарите.
Разгледувајќи ги извештаите од Центарот за управување со кризи, Владата обезбеди 52 милиони денари од државните резерви за 2024 година, за зголемување на буџетот на Дирекцијата за заштита и спасување, ДЗС, за подмирување на трошоците за гаснење на пожарите.
Од овие средства, 41 милион денари за ДЗС, додека 10,5 милиони се за покривање на трошоците за сместување, храна и транспорт за персоналот при престој во државава на странската помош за справување со пожарите.
Владата ја разгледа и ја усвои Одлуката за престанување на важење на согласноста за зголемување на нотарската тарифа.
Според информацијата, претходната Одлука на Владата од 06 јуни, со која се покачија нотарските тарифи беше оценето дека е избрзана и предизвика товар врз буџетрот на граѓаните.