Европското индустриско производство речиси стагнирало во јуни, покажаа во средата податоците на Европскиот завод за статистика.
Сезонски прилагоденото индустриско производство во еврозоната е намалено во јуни за 0,1 отсто во однос на мај кога, според ревидираните податоци, паднало за 0,9 отсто, објави Eurostat. Во Европската унија индустриското производство е непроменето во однос на мај.
Во двете области единствено е намалено производството на нетрајни производи за широка потрошувачкам и тоа за 2,5 отсто во еврозоната и за 2,0 отсто во ЕУ.
Најсилен раст на производството е забележан во категоријата трајни производи за широка потрошувачка, од 3,8 отсто во еврозоната и од 3,2 отсто во ЕУ. Поизразен раст е забележан и во енергетскиот сектор, каде производството е зголемено за 1,9 отсто во еврозоната и за 1,4 отсто во ЕУ.
Индустриското производство во Ирска најсилно паднало во јуни на месечна основа, за 7,8 отсто. Следат Белгија со пад од 6,5 отсто и Хрватска и Португалија со пад од по 3,7 отсто.
Производството најсилно пораснало во Романија, за 4,0 отсто. Следуваат Финска и Словачка со пораст на индустриското производство од 3,6, односно 2,1 отсто.
Во однос на јуни лани, индустриското производство во еврозоната е намалено за 3,9 отсто. Во мај забележа ревидиран пад од 3,3 отсто, пресмета Еуростат. Во ЕУ се намалило за 3,2 отсто по падот за ревидирани 2,9 отсто во мај, покажуваат статистичките податоци.
Поизразен пад на производството е забележан во категоријата капитални добра и тоа за 7,8 отсто во еврозоната и за 7,1 отсто во ЕУ. Следи секторот на трајни производи за широка потрошувачка со пад на производството за 2,1 отсто во еврозоната и за 2,0 отсто во ЕУ.
Во категоријата интермедијарни производи, производството падна за 1,5 отсто во еврозоната и за 1,2 отсто во ЕУ. Најмногу пораснало производството во енергетскиот сектор и тоа за 2,6 отсто во двете области.
Пораст е забележан и во категоријата нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,1 отсто во еврозоната и за 0,9 отсто во ЕУ.
Ирска забележа најсилен пад на индустриското производство во јуни на годишна основа, од 17,4 отсто. По неа следи Хрватска која во јуни забележа пад од 8,3 отсто. Хрватското индустриско производство во мај е намалено за 3,3 отсто. Значително намалување од 5,5 отсто забележа и Летонија.
Најголем раст на производството е забележан во Грција, од 9,5 отсто. Следат Кипар и Малта со пораст од 8,8 односно 6,3 отсто.