Вучиќ вели дека невладини организации добиле стотици милиони евра за негово уривање од власт

Александар Вучиќ, претседателот на Србија изјави дека во текот на оваа и минатата година, дел од српски невладини организации добиле огромни суми пари за негово уривање од власта. Тој наведе дека станува збор за десетици, па и стотици милиони евра.

-Рекордни пари во оваа и во минатата година. Огромни пари. Погледнете ја само медиумската содржина и се останато, тоа не се стотици милиони евра, туку милијарди евра. Само пресметајте, нема да зборувам за сè друго. Во првите шест-седум месеци има инвестирано 78 милиони евра преку невладин сектор, и тоа не во секој невладин сектор, туку во овој многу политички и антидржавно ориентиран, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател кажа дека тоа треба да се евидентира како значајно учество во странските директни инвестиции: „Бидејќи се работи за десетици, би се осмелил да кажам, стотици милиони евра“.

Тој очекува во наредните денови јавноста да биде информирана за тоа како сето ова функционира.

Коментирајќи го тоа што Министерството за надворешни работи на Кина објави дека има докази дека американски служби стојат зад протестите минатата година во Србија, тој порача дека внимателно ќе го проучи и прочита извештајот што беше објавен, но дека сега може да каже оти многу чудни работи се случувале во минатото и оваа година.

-Има многу други интересни работи за други земји, за некои други субјекти, јас сакам тоа да го прочитам. Внимателно ќе проучиме и прочитаме сè што објави Владата на Кина, како што секогаш читаме што објавува Стејт департментот и што објавува руската влада. Единствено што можам да кажам е дека имаше многу чудни работи минатата и оваа година, рече Вучиќ.