Хисени: Посетата на Гаши на Косово е според законските прописи и стандарди

Фари Хисени, портпарол на Коалицијата Влен“ за информациите дека претседателот на Собранието Африм Гаши завчера со службено возило бил виден на граничен премин кон Косово во колона на свадбена поворка, истакна дека посетата на спикерот била според законските прописи и стандарди.

-Јасно ни е на сите дека по 22 години режим на ДУИ, граѓаните имаат високи очекувања од новата власт. Ваквите ситуации кога во минатото не биле ниту дискутирани и разговарани, денеска стануваат клучни теми во медиумите, што сметам дека е бесправно, заради тоа што станува збор за второ лице на држава, за кое законските прописи го регулираат тој момент каде што претседателот на Собранието е неопходно да биде во придружба на обезбедувањето. Така што, и во конкретниот случај, самата посета не е надвор од законските прописи и е во хармонија со тој стандард, рече тој.

Коментирајќи ги вчерашните информации од Кабинетот на Гаши дека тој имал платен налог, Хисени нагласи тие како политичка партија не можат да преземаат одговорност дали користел или не користел платен налог, посочувајќи дека МВР е надлежна институција која може да го истражи целиот настан.

-Ние сме политичка партија и сметам дека не можеме да имаме одговорност дали користел или не платен налог. Тука МВР е надлежна институција да го истражи целиот настан и да се докаже дали тоа е точно. Ние застануваме зад соопштението што Кабинетот на претседателот на Собранието го испрати вчера за медиумите. Ние како политичка партија не можеме да бараме одговорност дали претседателот на Собранието користи патен налог или не. Штом јавно тоа го наведуваат во соопштение, ако тоа не е точно тогаш има последици. Тоа му следува како втор човек на државата. Свесни сте за злоупотребите во претходната власт, во 22-годишниот режим. Службените возила ги користеле и лица од кабинети, не па втор човек на државата. Вработени кои со месеци не биле на работните позиции ги користеле службените возила за приватни цели во и надвор од државата, рече тој.

Хисени истакна дека исто така се предвидени и безбедносни мерки за преминувањето на граничен премин од страна на претседател на Собрание и високи државни лица. Тој потенцира дека нема информации дали во колоната со службеното возило на претседателот на Собранието имало и други придружни возила.

Околу етичкиот аспект на настанот, Хисени рече дека ваквите ситуации кога се оди по невестата е обичај за секоја албанска, но и македонска свадба. -Не гледам нешто лошо за да се практикува обичајот на еден народ, рече тој.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието вчера соопштија дека тој вчера заедно со неговото семејство отпатувал во Косово, а посетата, како што велат, била целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури.

Писмената реакција од Кабинетот на Гаши дојде по објавените видео снимки дека тој со службено возило во Косово „отишол по невестата“.

-Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата, се вели во соопштението.

Хисени денеска, одговарајќи на новинарско прашање нагласи дека се задоволни од тоа како Гаши постапува и раководи со функцијата претседател на Собранието.

-Апсолутно, многу сме задоволни од неговото постапување и раководење со позицијата прв човек на Собранието. Имајќи во предвид какви претседатели имала нашата држава. Гаши е човек со дигнитет, достоинство, принципи, морали и сметам дека функцијата ја врши на највисоко можно ниво, рече портпаролот на „Влен“, Хисени.