Иран порача дека одмаздата против Израел „може да потрае“

Одмаздата на Иран против Израел може да биде долго чекање, изјави во вторникот портпаролот на Иранската револуционерна гарда Алимохамад Наини, објавија државните медиуми.

Блискиот исток се подготвува за најавената одмазда на Иран за атентатот на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран на 31-ви јули. Израел ниту ја потврди, ниту негираше одговорноста за убиството.

„Времето е на наша страна, а периодот на чекање за овој одговор може да трае долго“, рече Наини, мислејќи на одмаздата против Израел и повтори дека „непријателот“ може да очекува пресметан и прецизен одговор.

Иранските лидери ги земаат предвид сите околности и одговорот на Исламската Република можеби нема да биде повторување на претходните дејствија, додаде тој, според иранските државни медиуми.

Иран и Хамас го обвинија Израел за нападот во кој загина Ханија неколку часа откако тој присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан.