Реномираниот интернет портал „Балкан хендбал” го одреди идеалниот тим на играчи од просторите на поранешна Југославија, меѓу кои очекувано се најде и капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.
Во изборот на „Балкан хендбал” покрај новинари од земјите учеснички на претстојното Европско првенство во Данска, со гласање партиципираа и читателите од четирите земји учеснички, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Од секоја земја беа номинирани по тројца ракометари за секоја позиција поединечно, а во најдобрите седум покрај Кирил Лазаров (лев бек) се најдоа: Хрватите Мануел Штрлек (лево крило), Домогој Дувњак (централен бек), Иван Чипиќ (десно крило) и Игор Вори (пивот). Идеалниот тим го комплетираат српските репрезентативци Дарко Станиќ (голман) и Момир Илиќ (лев бек).
Двајца македонски репрезентативци има во вториот состав и тоа Наумче Мојсовски (централен бек) и Дејан Манасков (лево крило). Покрај нив во вториот тим се: голман – Мирко Алиловиќ (Хрватска), лев бек – Блаженко Лацковиќ (Хрватска), десен бек – Марко Вујин (Србија), десно крило Рајко Продановиќ (Србија) и пиво – Младен Ракчевиќ (Црна Гора).
Од овие четиринаесетмина ракометари само Наумче Мојсовски поради повреда ќе го пропушти Европското првенство кое започнува на 12 јануари.