Германската економија ќе продолжи да расте релативно слабо во наредните месеци поради слабоста на извозот и неизвесноста на потрошувачите, покажуваат новите проценки на Bundesbank.
Бавното закрепнување на економијата и натаму ќе продолжи, се наведува во месечниот извештај на германската централна банка, објавен во средата. Поради разочарувачкиот извоз, економската активност ќе се зголеми само малку, се посочува.
Во Bundesbank сѐ уште предвидуваат економска стагнација, но не очекувааат широк и траен пад. Сепак, оваа прогноза важи само „доколку не се случат нови негативни шокови“.
Се очекува личната потрошувачка и услужниот сектор да ја поддржат економијата. Сепак, аналитичарите истакнуваат дека потрошувачите се „сè уште несигурни“, па и покрај силниот пораст на платите, сѐ уште нема силно заживување на личната потрошувачка.
Индустрискиот сектор и во наредните месеци ќе продолжи да го оптоварува севкупниот економски развој.
„Генерално, германскиот индустриски сектор најверојатно ќе остане слаб во третиот квартал. Сепак, неодамнешниот раст на индустриските нарачки нуди трошка надеж“, пишуваат аналитичарите.
И покрај релативно слабата економија, Bundesbank не очекува значителен пад на инфлацијата. Во индустриски развиените земји засега падот на стапката на инфлација сè уште бавно напредува.
„Враќање на целната ценовна стабилност во блиска иднина се уште не е на повидок“, според проценките на централната банка на Германија.