Во Неготино започна изградбата на нов градски пазар, инвестиција вредна над 24 милиони денари

Премиерот Христијан Мицкоски денес беше во посета на Неготино, каде почнува изградбата на градскиот пазар.

-Едно преубаво издание, инвестиција вредна повеќе од 24 милиони денари, пари кои се финансирани од буџетот на Општина Неготино. Набрзо од денеска преку Министерството за локална самоуправа ќе објавиме повик до општините, да поднесат проекти кои ќе бидат финансирани од централниот буџет. Веќе имаме некои такви проекти кои се во фаза на одобрение за градба, значи веднаш може да се отпочне со процес на тендерирање и на реализација. И тоа е добро. Добро е кога се гради, добро е да си ја развиваме државата затоа што тоа го очекуваат граѓаните, тоа го ветувавме, за тоа и се залагавме, ние чуда не можеме да ветуваме, ниту да се обврземе, чуда се невозможни, тие кои ветуваа чуда се лажговци, истакна тој.

Мицкоски посочи дека со напорна работа ќе продолжат и понатаму.

-Ветувавме многу работа, чесна работа, напорна работа и тоа го правиме во овие први 50 дена од оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, така и ќе продолжиме понатаму. Важно е дека полека, но сигурно надежта се враќа, оптимизмот се враќа и тоа е она кое што е наша задача и наша цел како Влада, истакна тој.