Царинските инспектори и службеници во изминатите денови и вчера успешно спречија неколку обиди за нелегална трговија и криумчарење. Во текот на акциите, запленети се значителни количества фалсификувани производи, цигари и девизи, соопштија од таму.
- Во неколку контроли, запленети се 10.618 парчиња фалсификувана облека и аксесоари со потпис на познати брендови како „Луи Витон”, „Армани”, „Гучи”, и часовници „Ролекс”. Против сторителите се поднесени прекршочни пријави, а поведена е постапка за повреда на правото од интелектуална сопственост.
- На граничниот премин Богородица, во четири контроли, запленети се 37.200 парчиња цигари, за кои е избегнато плаќање увозни давачки во износ од 319.177 денари. Лицата изјавиле дека цигарите ги купиле на фри-шоп.
- На граничниот премин Табановце, македонски државјанин е спречен во обид да изнесе нелегално 20.450 евра и седум илјади долари. На лицето му се вратени две илјади евра, додека останатите средства се запленети. Против него е поднесена пријава за девизен прекршок.