Израелските сили навлегоа подлабоко во областите на централниот и јужниот дел на Појасот Газа додека се борат со борците на Хамас, а палестинските здравствени власти во четвртокот изјавија дека во израелските напади загинале најмалку 22 лица низ палестинската енклава.
Новата ескалација доаѓа само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден изврши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нагласувајќи ја итната потреба од договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, соопшти Белата куќа. Повеќемесечните разговори за прекин на огнот се вртат околу истите прашања, но Израел и Хамас цврсто стојат на нивните барања.
Во градот Беит Лахија во северниот дел на Газа, во напад на куќа загинаа 11 лица, а друг уби шестмина, вклучително и локален новинар, во куќа во кампот ал-Магази во централниот дел на Појасот Газа, соопштија медицинските лица. Уште петмина се убиени во одвоени напади на југ.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили ги интензивирале своите операции во Деир ал-Балах, во центарот на Газа и Кан Јунис, на југ, демонтирајќи десетици воени структури, лоцирајќи ракети и убивајќи милитанти во изминатите 24 часа. Соопшти и дека силите убиле 50 милитанти во областа Рафа, на крајниот југ од енклавата, во текот на изминатиот ден.
Телефонскиот разговор меѓу Бајден и Нетанјаху доцна во средата уследи по бурната посета на регионот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, која заврши во вторникот без напредок во 10-месечната војна.
Хамас сака договор што ќе стави крај на војната во Газа и ќе ги ослободи израелските и странските заложници во Газа во замена за слободата на многу Палестинци затворени од Израел. Ги обвинува Израел и САД за неуспехот да се постигне договор. Нетанјаху, пак, вели дека војната ќе заврши само кога Хамас ќе биде поразен и дека прекинот на огнот што ќе овозможи размена на заложници и затвореници ќе биде само привремено ослободување додека милитантната група останува закана.
Семејствата бегаат од тенкови, спијат на пат
Во централниот град на Газа, Деир ал-Балах, каде се засоленти околу милион жители и раселени Палестинци, според општинскиот совет, жителите рекоа дека тенковите напредувале подалеку од исток и блокирале некои патишта што го поврзуваат градот со блискиот Хан Јунис на југ.
Израелските тенкови, исто така, напредуваа на запад во областите ал-Карара и Хамад во Кан Јунис, принудувајќи повеќе семејства да ги напуштат своите засолништа и шатори, понекогаш под силен оган од тенкови и беспилотни летала, велат жителите. Некои семејства спиеле на патишта, други на плажа откако не можеле да најдат место или засолниште.
„Синоќа беспилотните летала почнаа да пукаат во шаторите, можеби неколку часа, а потоа вревата на тенковите стана посилна како што се приближуваа, па решивме да бегаме“, изјави за Reuters телефонски 48-годишниот Имад Ал Галаџини од Кан Јунис.
„Ние сме пет семејства, 48 луѓе, истрчавме на плажа, едни спиеја на пат, други на копно, само на песок без шатори, ќебиња и душеци, а можете да замислите колку беа преплашени децата и жените”, додаде тој.
Галаџини вели и дека постои растечко разочарување од разговорите за прекин на огнот меѓу Палестинците во Газа.
„Овие разговори се губење време, а нивната цел е да му дадат време на Нетанјаху што му е потребно да продолжи со тоа што го прави. Нема место каде што тенковите не влегле, ниту бомбардирале, и никаде повеќе не е безбедно“, рече тој.
Повеќето од 2,4 милиони жители на Газа се раселени неколку пати од почетокот на војната. Дури и во областите кои се прогласени за безбедни зони, луѓето гинат во израелските напади.
Војната започна на 7 октомври кога вооружени лица на Хамас упаднаа во израелските заедници и воени бази, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници, според израелските податоци.Оттогаш, израелската војска убила повеќе од 40.000 луѓе во Газа во воздушни и копнени напади, според палестинските здравствени власти.