Ревидираните податоци од Бирото за статистика на трудот на САД (BLS) покажуваат дека растот на работните места во Соединетите држави во периодт меѓу март 2023 и март 2024 година бил послаб отколку што беше објавено претходно.
BLS соопшти дека бројот на работни места создадени во економијата на САД од март 2023 година до март оваа година бил за 818.000 помалку од првично пријавениот, што укажува на послаб раст на работните места од 0,5 проценти. Податоците покажуваат значително помал раст на бројот на работни места во секторот професионални и деловни услуги, за 358.000, во однос на претходното објавување.
Секторите за одмор и угостителство, производство и малопродажба, исто така, имаа значително помалку работни места од претходната објава, но во исто време приватниот сектор за образование и здравствени услуги, како и транспорт и складирање, доби повеќе работни места во споредба со претходно објавените податоци.
Овие податоци покажуваат дека американскиот пазар на труд е послаб отколку што се мислеше, што може да влијае на монетарната политика на американската централна банка.
Досега се сметаше дека овој пазар е сè уште силен, и покрај неколкугодишната рестриктивна монетарна политика, и дека тоа би можело да поттикне натамошен раст на платите и потрошувачката, што ќе поддржи и повисока инфлација. Сепак, најновите податоци покажуваат дека растот на бројот на вработени и натаму е послаб, што може да го пригуши растот на платите и потрошувачката.
Ова, пак, може да доведе до дополнително намалување на инфлаторните притисоци и да отвори простор за Fed да ги намали каматните стапки за да го поддржи економскиот раст.
На финансиските пазари се очекува дека Fed во септември ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, следејќи го трендот на олабавување на монетарната политика, инициран од Европската централна банка (ECB) и низа други во светот.