На Волстрит цените на акциите паднаа во четвртокот, главно во технолошкиот сектор, бидејќи инвеститорите останаа внимателни пред говорот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел на состанокот во Џексон Хол.
Индексот Dow Jones загуби 0,43 отсто, на 40.712 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,89 отсто, на 5.570 поени, а индексот Nasdaq се намали за 1,67 отсто, на 17.619 поени.
Меѓу 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите најмногу паднаа во технолошкиот сектор, во просек за 2,1 отсто, додека добитниците беа предводени од секторот на недвижности.
Берзанските индекси силно пораснаа во последните неколку семици, бидејќи инвеститорите веруваат дека намалувањето на инфлацијата ќе ја поттикне американската централна банка да ги намали клучните каматни стапки во септември за прв пат по годините на затегнување на монетарната политика.
Се очекува Fed да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, а некои веруваат дека е можно поостро намалување за 0,50 процентни поени.
Инвеститорите се надеваат дека претседателот на Fed, Џером Пауел може да ја разјасни ситуацијата во врска со каматните стапки, инфлацијата и пазарот на труд во неговиот говор во петокот на традиционалниот собир на челниците на централната банка во Џексон Хол.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,06 отсто, на 8.288 поени, а франкфуртски DAX за 0,24 отсто, на 18.493 поени. Парискиот CAC сепак ослабе за 0,01 отсто, на 7.524 поени.