Македонскиот поет, писател и ликовен уметник, Владо Јаневски од Австралија е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, во рамки на „Струшките вечери на поезијата“.
Жири-комисијата во состав Митко Гогов, претседател и Иван Шопов и Игор Трпески членови од пристигнатите пет книги, одлучи ова признание да го додели на Јаневски за поетската збирка „На грбот на неповратот“.
Поетската збирка „На грбот на неповратот“ од македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија несомнено се издвојува од останатите по квалитетот, поетскиот пристап, како и естетските вредности со кои се одликува. Јаневски пишува приказно и прецизно, стилски префинето, а стиховите се надоврзуваат ритмично, честопати со наративните тонови балансирајќи меѓу личното и колективното, интимното и општочовечкото, стои во образложението на жири-комисијата.
Како што е наведено во соопштението, песните се испишани со куси, слободни стихови, а тоновите во нив се меланхолични, рефлексивни, на моменти мрачни, но и имплицитно бунтовни.
Евидентна е и јасно видлива грижата за структурата на книгата при поделбата на пет тематски кохерентни циклуси, кои сочинуваат цврста заокружена целина, соопшти жири-комисијата.