Челниците на Велика Британија и на Германија се согласија на разговорите во Берлин во средата да работат на „амбициозен“ договор кој опфаќа прашања од одбраната до трговијата, што ќе биде дел од обновените односи на Велика Британија со Европската унија.
Целта на дводневното патување на премиерот Кир Стармер во водечките сили на Евопската унија – Германија и Франција, е да ѝ помогне на Британија да се оддалечи од нестабилните односи на претходната конзервативна влада со нејзините европски сојузници. Стармер, кој ја презеде функцијата минатиот месец, го стави подобрувањето на врските во центарот на неговите напори да го поттикне економскиот раст на Велика Британија.
Стармер пристигна во Берлин во вторникот вечерта, на својата прва странска билатерална посета откако ја презеде власта во средината на јули. Лидерот на лабуристите стана премиер по 14 години владеење на конзервативците во кои Велика Британија ја напушти Европската унија.
Тој го гледа новиот договор за соработка како „можност за работничката класа во Британија и Германија која се пружа еднаш во генерација“, бидејќи ќе ја продлабочи соработката во науката, технологијата, бизнисот и културата, истовремено зголемувајќи ја трговијата.
„Да бидам јасен, растот е мисија број еден на мојата влада. Ние сме многу јасни дека градењето односи со нашите партнери овде во Германија и низ Европа е клучно за да се постигне ова“, додаде Стармер.
Но, Стармер ја отфрли можноста повторно да се приклучи на европскиот единствен пазар, царинската унија и зоната за слободно движење на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Но, тоа значи поблиски односи на повеќе фронтови, вклучително и економијата, вклучително и одбраната, вклучително и трговијата“, рече тој.
Шолц рече дека Германија сака да ја прифати оваа продолжена рака.
„Обединетото Кралство отсекогаш била незаменлив дел од решавањето на големите прашања што ја засегаат цела Европа“, рече Шолц. „Тоа не се промени со нејзиното излегување од ЕУ“, додаде германскиот канцелар.
Велика Британија и Германија во заедничката декларација соопштија дека се надеваат дека ќе потпишат договор за соработка на владините консултации „до почетокот на следната година“. Министрите за одбрана работат на нов договор за одбрана, кој ќе следи по потпишувањето на заедничката декларација за одбрана во јули, соопштија официјални лица.
Велика Британија и Германија, сојузниците во НАТО и најголемите трошења на одбраната во Западна Европа, бараат начини да ја продлабочат соработката во одбраната пред можното намалување на американската воена помош за Украина, доколку поранешниот американски претседател Доналд Трамп се врати во Белата куќа.
Стармер ќе отпатува во Париз во среда навечер за да учествува на церемонијата на отворањето на Параолимпијадата. Ден подоцна во Елисејската палата ќе биде примен од францускиот претседател Емануел Макрон.