За придонесот на операцијата „Aspides“ (Штитови) на Европската унија во безбедното извлекување на грчкиот танкер „Sounion“ kojшто минатата седмица беше нападнат во Црвеното Море и гори од 23-ти август, разговарале министерот за одбрана на Грција Никос Дендијас и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
„За време на телефонскиот разговор со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел разговаравме за придонесот на ЕУ операцијата Aspides во безбедното влечење на танкерот ‘Sounion’ и спречувањето на еколошка катастрофа“, напиша Дендијас на платформата Х.
Од ЕУ операцијата „Aspides“ (Штитови) во средата информираа дека постојат жаришта на неколку локации на главната палуба на бродот, но дека нема излевање на нафта. Паралелно посочија дека за да се избегне катастрофална еколошка криза, ЕУ операцијата во координација со европските власти, ја проценува ситуацијата и е подготвена да ги олесни сите правци на дејствување.
Грчкиот танкер минатата среда беше нападнат од Хутите во Црвеното Море, а членовите на екипажот, 23 лица од Филипини и двајца руски државјани не беа повредени. Два дена по нападот избувна пожар, којшто сè уште не е изгасен, а танкерот е вкотвен во Црвеното Море.
Паралелно јеменските бунтовници Хути, се согласиле на привремен прекин на огнот за да им се овозможи на спасувачките бродови да стигнат до танкерот и да биде префрлен на безбедна локација и да се избегне еколошка катастрофа.