Двајца кандидати на локалните избори во БиХ ќе ја водат кампањата од затвор

Најмалку двајца кандидати за градоначалници на општини во Босна и Херцеговина ќе се натпреваруваат од затвор на претстојните локални избори закажани за 6-ти октомври, бидејќи тоа им го дозволува постојниот закон.

На еден од нив, Страхиња Башевиќ, кој е кандидат за градоначалник на општина Соколац од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), чиј лидер е Милорад Додик, судот во Источно Сараево во четвртокот му одреди мерка притвор во траење од еден месец. Тој е осомничен за кривичното дело злоупотреба на положбата и овластувањата додека бил на чело на јавното претпријатие „Романија“ кое се занимава со стопанисување со шуми. Башевиќ сега е пратеник во Народното собрание на Република Српска.

Од неговиот СНСД тврдеа дека против Башевиќ се „монтира“ обвинение, а за тоа ја обвинија обвинителката поради нејзината националност.

„Бошњачката обвинителка на Окружното обвинителство Источно Сараево, Јасмина Хабул, очигледно го политизира (случајот) и од личен интерес се обидува да криминализира само лица од СНСД“, се вели во реакцијата на партијата на Додик.

Претходно во август беше приведен Ибро Берило, актуелниот градоначалник на општина Трново крај Сараево, кој најави кандидатура за нов мандат на таа позиција како кадар на бошњачката Партија за демократска акција (SDА).

Жупаниското обвинителство во Сараево го обвинува Берило за организирање криминална група која незаконски ја препродавала шумата на олимписката планина Бјелашница и овозможила нејзина пренамена во градежно земјиште. Со ова ѝ нанел штета на државата од над 1,5 милиони евра.

За ова Берило бил награден со недвижен имот како подарок од градежното лоби, а во четвртокот полицијата му го конфискуваше имотот, како и на неговите соработници во криминалот. Конфискацијата која се проценува на повеќе од еден ипол милион евра беше наредена на 23 август од страна на Жупанискиот суд во Сараево.

Изборниот закон на Босна и Херцеговина ќе им овозможи на двајцата кандидати да се натпреваруваат на изборите, бидејќи не се правосилно осудени за кривично дело. Законот пропишува санкција разрешување само во случај кога некое лице било избрано на функција, а потоа била изречена правосилна пресуда или затворска казна од шест месеци или повеќе. Дури тогаш Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина утврдува престанок на мандатот на таков функционер.