Случајот на Павел Дуров не треба да стане политички прогон, порача Кремљ

Кремљ во четвртокот соопшти дека случајот на основачот на апликацијата за размена на пораки Telegram, Павел Дуров не треба да се претвори во политички прогон, откако францускиот суд доцна ноќта во средата отвори официјална истрага против технолошкиот претприемач со руско потекло.

Судот објави дека е осомничен за соучесништво во водење онлајн платформа која овозможувала нелегални трансакции, фотографии од сексуална злоупотреба на деца и трговија со дрога. Против него се води истрага и за наводно перење пари и одбивање да соработува со правосудните органи.

Адвокатот на Дуров рече дека е „апсолутно апсурдно“ да се сугерира дека менаџерот на социјалната мрежа е одговорен за какви и да се злосторства извршени на платформата.

„Мислам дека сега не треба да продолжиме да извлекуваме какви и да се заклучоци. Веќе кажавме дека тој е француски државјанин, има се што е потребно за да организира правна одбрана“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Главната работа е тоа што се случува во Франција да не се претвори во политички прогон. Знаеме дека францускиот претседател негираше каква и да е поврзаност (на случајот) со политиката, но од друга страна се упатуваат одредени обвинувања. Ние ќе видиме што ќе се случи следно“, додаде тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема политички мотиви во притворот на Дуров, кој според француските медиуми при апсењето на парискиот аеродром „Ла Бурже“ на полициските службеници им кажал дека допатувал на вечера со Макронд. Елисејскиот дворец ги негираше таквите наводи.

Песков, исто така, потврди дека Дуров сѐ уште има руско државјанство и рече дека Москва ќе биде подготвена да му пружи правна помош доколку е потребно, како и на секој руски државјанин.