Министерства криеле службени возила, институции вработувале и отпуштале за време на избори … Извештајот на Антикорупциска за парламентарните избори покажува бројни прекршувања на Изборниот законик.
Низа пропусти забележала Државната комисија за спречување корупција за време на финансирањето на изборната кампања, со што прекршен Изборниот законик. Спротивно на законот, институции вработувале и отпуштале за време на избори, партии ги криеле приходите и донациите, а дел од министерствата ги криеле и службените возила.
Иако имаат законска обврска, десет министерства и 816 други институции воопшто не доставиле информации за тоа, колку и какви службени возила поседуваат, а 329 тоа го сториле по изминат рок. Ова според антикорупциска укажува на свесно прикривање на информации, и неможност да се докаже дали службените возила се употребувале за време на кампањата.
Антикорупционерите забележале и голем дел прекршувања во делот на забрана за нови вработувања, но и отпуштања од работа во јавните институции за време на избори, за што Комисијата оформила 65 предмети. Од нив шест се инцијативи за кривично гонење и четири за утврдување на одговорност на службени лица.
Што се однесува до парите од донации, четири партии, што учествувале на изборите, немале доставено финансиски извештаи. Во извештајот, нотиран е и случајот на Академијата за судии и јавни обвинители, каде по распишување на изборите била продолжена постапката за прием на 130 нови слушатели. Откако и Вишиот Управен суд ја одби жалбата на Академијата, ДКСК има поднесено и две иницијативи за утврдување на одговорност против претседателот и членови на Управниот одбор на Академијата.