Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од Европската Унија „конкретна и недвосмислена“ реакција за, како што наведе, заштитата на Србите во Косово.
Вучиќ во Прага се сретна со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, за време на Форумот ГЛОБСЕК, кој се одржува од 30 август до 1 септември.
Вучиќ на Инстаграм објави дека имал отворен и искрен разговор со Лајчак. „…На кого му ја пренесов мојата крајна загриженост за последното насилство на Косово и Метохија, повеќекратното кршење на правата и загрозувањето на безбедноста на српското население со арогантните и незаконски потези на Приштина“, изјави Вучиќ.
Тој рече дека ја очекува реакцијата на ЕУ „не само во осуда на ваквите потези“ и дека „Србија останува одговорен партнер на ЕУ во процесот на нормализирање на односите со Приштина, но ќе ги искористи сите расположливи дипломатски средства за да не дозволи терор врз нејзиниот народ.
Косовските институции на 30 август објавија дека затвориле пет паралелни српски институции на северот на земјата. Според Владата на Косово, овие институции функционирале под раководство на Србија. Тоа предизвика реакции меѓу другите од ЕУ, Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија и Франција.
Тие наведоа дека акциите на косовските власти биле извршени без консултации со западните партнери и ризикуваат да ги зголемат тензиите.
Акцијата на северот на Косово беше преземена во време кога Владата на Косово веќе се соочува со критики од меѓународната заедница поради „еднострани и некоординирани“ дејствија.
Косовската извршна власт, исто така, сака да го отвори главниот мост на реката Ибар за сообраќај на возила.
Во Косово има општини, јавни претпријатија, детски градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети кои се директно финансирани од Владата на Србија, а се наоѓаат во градовите и населбите каде живее српската заедница.
Според законите во Косово, овие институции се нелегални.