Китот-белуга кој беше забележан во норвешките води пред пет години и за кој постои сомневање дека е „руски шпион“ е пронајден мртов, соопшти непрофитната организација која го следеше китот.
Телото на Хвалдимир, чие име е комбинација од норвешкиот збор за кит и името на рускиот претседател Владимир Путин, го забележале татко и син кои ловеле риба во јужна Норвешка за време на викендот, објави норвешката јавна телевизија NRК.
„Хвалдимир не беше само белуга кит; тој беше светилник на надеж, симбол на поврзување и потсетување на длабоката поврзаност меѓу луѓето и природниот свет“, објави на социјалните мрежи невладината организација Marine Mind.
Кога првпат беше забележан во 2019 година во близина на островот Ингоја во северна Норвешка, на околу 300 километри од морската граница со Русија, китот носел појас со држач за мала камера. На појасот на англиски јазики било втиснато „Equipment St Petersburg“?!
Китот бил „многу заинтересиран за луѓето и реагирал на гестови“, што ја навело норвешката разузнавачка агенција да претпостави дека бил во заточеништво во Русија како дел од наводна истражувачка програма пред да премине во норвешките води.
Москва никогаш не одговори на обвинувањата за Хвалдимир.
„Тоа е апсолутно ужасно. Тој сè уште беше во добра состојба во петокот, па мораме да откриеме што можело да се случи овде“, изјави за NRK поморскиот биолог Себастијан Странд, кој работеше со Marine Mind.
Додаде дека на животното не се видливи поголеми надворешни повреди и дека причината за смртта е нејасна.