Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски смета дека Варшава треба да има право да соборува руски ракети кои ја загрозуваат нејзината територија над соседна Украина, објави Financial Times (FT) во своето понеделничко издание.
Неговите забелешки дојдоа една седмица откако „летечки објект“, за кој Варшава верува дека е наводно беспилотно летало „Шахед“ од руско- иранско производство, навлегло во воздушниот простор на Полска, членка на НАТО и верен сојузник на Киев, и додека Украина се соочува со огромни воздушни напади.
Дронот кој исчезнал од радарот сѐ уште не е пронајден. Варшава претходно предупреди на најмалку два случаи кога руски ракети го нарушиле полскиот воздушен простор, но досега не пронајде остатоци од леталата. По првиот случај беше наведено дека наводниот руски проектил навлегол во полскиот воздушен простор од украинскиот и по неколку минути веројатно го напуштил воздушното пространство на земјата.
Во понеделникот, по новиот бран големи руски воздушни напади врз Украина, полските воздухопловни сили уште еднаш ги кренаа своите авиони.
„Да се биде членка на НАТО не ја поништува одговорноста на секоја поединечна земја да го заштити својот воздушен простор, тоа е наша уставна должност“, вели Сикорски за FT но не прецизира стриктно дали таквите операции би се одвивале во воздушниот простор на Украина.
„Лично, јас сум на мислење дека кога непријателските ракети се на дофат на нашиот воздушен простор и кои штотуку влегле во него, би било легитимно да се браниме бидејќи штом ќе влезат во нашиот воздушен простор, ризикот од остатоци да повреди некого е голем“, вели Сикорски.
Киев, додава полскиот министер, гледа позитивно на таквите операции. „Украинците ни рекоа: Добредојдени сте“, рече Сикорски.
Во март, Радослав Сикорски разговараше за ова со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, кој го потсети дека „НАТО значително го зајакна источното крило на Алијансата, особено во Полска“.
НАТО стравува дека предлогот на Полска ќе ја вовлече Алијансата подлабоко во руско-украинската војна.
Радослав Сикорски, инаку од истата функција како и сега, со францускиот Лорен Фабиус и германскиот колега Франк-Валтер Штајнмаер посредуваа во февруари 2014 година во Киев во преговарањето за решавање на кризата меѓу тогашниот претседател Виктор Јанукович кој се согласи со предлозите за менување на претседателскиот систем во Украина и распишување предвремени претседателски избори, но тој договор премолчено од Франција, Германија и Полска беше изигран од тогашната украинска прозападна опозиција и Јанукович беше нелегално сменет, по што започнаа протестите во мнозински рускојазичните региони во југоисточна Украина што доведе до отцепувањето на полуостровот Крим и војната во Днобас.