Министерот во украинската влада задолжен за домашно производство на оружје во војната против Русија во вторникот поднесе оставка заедно со уште двајца министри, изјави претседателот на парламентот Руслан Стефанчук.
По неколкунеделни разговори за можна реконструкција на владата, Стефанчул рече дека пратениците ќе ги разгледаат барањата за оставки на министерот за стратешка индустрија Олександар Камишин, министерот за правда Денис Маљуска и министерот за животна средина Руслан Штрилец.
„Ќе продолжам да работам во одбранбениот сектор, но во друга улога“, напиша Камишин на платформата Telegram, потврдувајќи ја оставката.
Камишин беше назначен во март 2023 година и ги предводеше напорите на Украина да го зајакне производствоto на оружје, од јуришни беспилотни летала до ракети со долг дострел, додека силите на Киев се борат со многу подобро вооружената и побројна руска армија.
Во годината од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари 2022 година, тој се профилираше како ефекасен воен лидер кој управува со државните железници, витална логистичка артерија и за цивилите и за војската.
Пратениците и политичките аналитичари од почетокот на летото очекуваат големи промени во владата. Заминувањето на тројца министри ја зголемува неизвесноста околу владата, бидејќи уште најмалку пет министерски ресори се празни откако беа сменети на почетокот на годинава.
Претседателот Володимир Зеленски и неговиот политички тим сега би можеле да ги пополнат сите позиции во обид да воведат ред во владата пред тој да отпатува за САД овој месец за да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.
Украинскиот челник минатата седмица изјави дека се надева оти ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и неговите двајца можни наследници на позицијата за да претстави „план за победа што ќе ја принуди“ Русија да ја прекине војната во Украина.