Синдикатот на германски металски работници IG Metall објави во четвртокот дека е подготвен да преговара со автомолислкиот гигант „Volkswagen“ за воведување четиридневна работна седмица, откако управата најави драстично намалување на трошоците, што потенцијално ќе доведе во опасност илјадници работни места.
„Ќе направиме сѐ што можеме кога ќе има предлози за зачувување на работните места и погоните“, рече лидерот на синдикатот Кристијане Бенер во Хановер.
На почетокот од седмицава, менаџментот на VW објави дека повеќе не ја исклучува можноста за затворање на погоните и отпуштање работници во Германија како дел од намалувањето на трошоците на клучниот бренд на VW. Тие додадоа и дека планираат да го откажат долгогодишниот договор со претставниците на работниците во Германија, кој исклучува отпуштања до крајот на 2029 година, а е на сила од 1994 година.
Менаџерите веруваат дека брендот „Volkswagen“ треба темелно да се реструктуира и дека сегашните напори за намалување на бројот на работниците преку програми за предвремено пензионирање и отпремнини нема да бидат доволни, рече водството, без да прецизира колку работни места во Германија би можеле да бидат укинати, ниту кои фабриките би можеле да бидат затворени.
„За синдикатите затворањето на фабриките и отпуштањето на работниците се апсолутно прашања за кои не се преговара“, потенцира синдикалниот лидер.
Синдикатот IG Metall предложи да се помести датумот на колективните преговори кои треба да започнат оваа есен, но раководството сè уште не одговорило, додава Бенер.
Синдикалците, исто така, предложија четиридневна работна седмица за сите вработени во VW, што помогна да се избегнат масовни отпуштања за време на кризата во раните 1990-ти, кога беа доведени во прашање 30.000 работни места.
Членовите на одборот се обидоа да ги одбранат плановите за намалување на трошоците на собирот во седиштето на компанијата во градот Волфсбург во средата, на кој присуствуваа околу 25.000 работници.
„Имаме уште една година, можеби две, да ги свртиме работите. Но, треба да го искористиме ова време“, рече главниот финансиски директор на групацијата „Volkswagen“, Арно Антлиц.
Главниот финансиски директор на VW рече дека европскиот пазар на автомобили се намалил по пандемијата и дека компанијата не може да смета на купувачи за околу 500.000 автомобили, приближно еднакво на производството на две фабрики.
„Пазари едноставно нема“, рече Антлиц.
Додека менаџментот финансиските потешкотии ги препишува на сѐ потешката економска средина во Германија и конкуренцијата, претставниците на работниците предупредуваат на неефикасна производствена стратегија и бавна реакција на менаџментот, кој, според нив, требало да започне со производство на електрични возила за масовниот пазар побрзо.
Беше повикан извршниот директор Оливер Блум, кој не требаше да биде меѓу говорниците, да се појави пред работниците и да објасни зошто групата, наместо да ги штити работните места во Германија, одлучила да инвестира пари во софтверско партнерство со американскиот старт-ап „Rivian“, во вредност од пет милијарди евра.