Украина постигна „многу“ во офанзивата на регионот Курск во Русија, но тешко е да се каже како ќе се развива ситуацијата понатаму, изјави во четвртокот на новинарите во Осло генералниот секретар во заминување на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Само Украинците можат да ги направат тешките избори кои се неопходни, како што се локациите за распоредување на нивните сили и типот на војување соодветен во оваа ситуација“, рече Столтенберг.
Столтенберг рече дека Украина има право на самоодбрана, вклучително и достигнување воени цели на руска територија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на почетокот од нападот рече дека тоа е обид да се пренесе војната и на територијата на Русија за да се принуди Путин да постигне мир и да создаде тампон зона за да ги спречи руските напади врз соседната област Суми.
Но руските сили забрзано напредуваат во источна Украина, а украинските војници направија смел упад во рускиот регион Курск и таму на 6-ти август го започнаа најголемиот странски напад врз Русија од Втората светска војна. Меѓутоа, многу западни аналитичари, сепак, сметаат дека таа операција воопшто не ги постигнала евентуалните цели на Киев.
Претходно во понеделникот и самиот претседатело Володомир Зеленски потврди дека упадот во рускиот регион Курск не ја олеснил ситуацијата за украинските сили на рабните делови од источната област Донбас, каде што има проблеми во областите на Покровск и Торецк.
„Што се однесува до тешкотиите во областите Покровск и Торецк, веруваме дека операцијата Курск исто така може да влијае на ова. Засега е тешко таму“, призна Зеленски како што пренесе агенцијата Украинформ.
Ден претходно, врховниот украински командант Александар Сирски рече дека ситуацијата во областите на главните руски удари останува тешка за Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека упадот на Украина во руската област Курск не успеал да го запре напредувањето на руските сили во Донбас и ги ослабнало позициите на украинската одбрана долж линијата на фронтот, помагајќи им на силите на Москва.