Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот ги повика западните сојузници да ги игнорираат „црвените линии“ на Москва и да дозволат Киев да користи оружје со долг дострел за да ја нападне руската територија, додека Вашингтон му вети на Киев дополнителни 250 милиони долари во оружје.
Зеленски првпат се појави на редовен собир на украинските сојузници организиран од САД во воздухопловната база Рамштајн во Германија. Тој се обиде да ја претстави опцијата за удари од долг дострел како уште еден начин да се изврши притисок врз Русија да стави крај на две иполгодишната инвазија.
Зеленски зборуваше во време на висок ризик за украинските сили кои започнаа ненадејна офанзива во рускиот регион Курск, додека руските сили се фокусирани на заземање на источниот украински град Покровск, клучен логистички центар за воените напори на Киев.
„Мораме да имаме способност од долг дострел не само на окупираната територија на Украина, туку и на руска територија, за Русија да биде мотивирана да се стреми кон мир“, рече Зеленски.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја посочи офанзивата во Курск како пример за тоа како Украина работеше за да преземе иницијатива на бојното поле. „Агресорската армија на Кремљ сега е во дефанзива на свој терен“, тврдеше Остин без да изнесе конкретни податоци за ситуацијата на теренот.
Сепак, како што пишува Reuters, се чини дека забелешките на Остин се насочени кон пошироките напори на Западот за одржување на кампањата на Украина за одбивање на руските сили од нејзината територија, вклучително и најавата за дополнителна безбедносна помош од 250 милиони долари.
Германија ќе ѝ испорача на Украина дополнителни 12 самоодни хаубици, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус на маргините на состанокот на таканаречената група земји Рамштајн кои го снабдуваат Киев со оружје.
Зборувајќи со новинарите во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија во петокот, Писториус рече дека хаубиците ќе доаѓаат од индустријата, а не од воените залихи на земјата.
Загинати во војната
„Злобата на Путин навлегува длабоко. Москва ја продолжува својата офанзива во источна Украина, особено околу Покровск. Путин ги преместува своите војници во Курск. А Кремљ продолжува да ги бомбардира украинските градови и да ги гаѓа украинските цивили“, изјави Лојд Остин.
Остин презентираше статистика за загинатите во војната и рече дека се проценува дека повеќе од 350.000 руски војници биле убиени или ранети. Тој рече дека украинските сили потонале, уништиле или оштетиле 32 брода на руската морнарица и ја истиснале руската Црноморска флота кон исток.
Зеленски рече дека околу 6.000 руски војници биле убиени или ранети во украинската офанзива на Курск.
„Денес контролираме површина од повеќе од 1.300 квадратни километри во областа Курск, која опфаќа 100 населени места“, ги повтори податоци Зеленски кои ги изнесе уште на 6 август кога започна ненадејниот украински упад, додавајќи дека руските сили напуштиле голем дел од таа територија. „Тие побегнаа кога ги видоа нашите сили како се приближуваат“, тврдеше Зеленски.
Од друга страна, Москва ги гаѓа градовите низ Украина со проектили и беспилотни летала и ги изврши некои од најголемите напади од почетокот на војната. Украинскиот претседател ги повика претставниците на десетина земји на разговорите во Рамштајн да ги исполнат своите ветувања за снабдување на Киев со дополнителна опрема за одбивање воздушни напади.
„Значаен број системи за противвоздушна одбрана сè уште не се испорачани“, предупреди Зеленски.
Тој треба да отпатува во САД во септември и се надева дека ќе му претстави „победнички план“ на претседателот Џо Бајден. Сепак, имајќи предвид дека војната ескалира и дека нападот на Курск досега не успеа да ги одврати руските сили од забрзаното напредување во Украина, сѐ уште не е јасно дали напредувањето на руска територија ќе се исплати, пишува Reuters.
Руските сили, кои контролираат 18 отсто од Украина, напредуваат постепено на исток по неуспехот на долго помпезно најавуваната голема контраофанзива на Киев започната на почетокот на јули 2023 година.
Кремљ соопшти дека сега нема услови за мировни преговори со Украина, особено по украинскиот упад во Курск, со што се чини дека рускиот претседател Владимир Путин може да ги отфрли евентуалните притисоци од сојузниците како Кина и Индија да преговара за запирање на војната.