Снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“ по сценарио и режија на познатиот актер Раде Шербеџија започнува денеска во Велес.
Според Шербеџија, „Ослободување на Скопје“ е една од најубаво напишаните драми во поранешна Југославија, со која имале голем успех во сите поранешни републики и долго сонувал од неа да направи филм.
– Цело време додека живеев во Америка размислував како да направм филм од таа прекрасна претстава, која имаше толкав голем успех во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија, за тој посебен менталитет, музика, за посебни карактери, драматична приказна за војната и една невозможна љубов, човечка привлечност, меѓу Македонка и германски офицер. Тоа е она што го препознаваат луѓето, рече Шербеџија на прес-конференција пред два дена во Скопје.
Сценариото го напишал пред седум години, а идејата почнала да се реализира пред две, кога добил финансии од Агенцијата за филм на Република Македонија и поддршка и од македонското Министерство за култура.
Директор на фотографија е Дејан Димески, дизајнер на продукција Иван Бартлиг, костимограф Жељка Франуловиќ, а музиката е на Влатко Стефановски.
Продукцијата „Партизанс“ соопшти дека во Велес и околината ќе снимаат една недела, четири недели во Битола, а снимањето според планот да заврши на 19 декември во Скопје.
За овој филм Македонија првпат влегува во копродукција со Финска (контакт остварен преку хрватскиот продуцент Игор Нола), и добил средства од Националната телевизија на Финска и Финскиот филмски фонд.
Вкупниот буџет е 2.110.000 евра, од кои 1.250.000 се од Агенцијата за филм на РМ, а 315.000 евра добил од најголемот европски фонд за копродукции Еуримаж кој, како што рече Шербеџија, највисоко го оценил сценариото од сите други на конкурсот. Во буџетот учествува и Хрватскиот аудиовизуелен центар.