Вкупно 65 лица се убиени и ранети во израелските воздушни напади врз бегалска шаторска населба во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија во вторникот официјални лица од Газа, додека израелската војска тврди дека наводно целта бил команден центар на Хамас.
Лекарите и локалните жители велат дека шаторската населба се наоѓа во близина на градот Кан Јунис, во областа Ал-Маваси, која е означена како хуманитарна зона, со оглед на тоа што е преполна со раселени Палестинци. Најмалку четири проектили паднале во споменатото подрачје, при што биле запалени дваесет шатори и зад себе оставиле кратери длабоки девет метри.
Претставници од Газа наведуваат дека загинале и ранети се 65 лица, но не се знае точно колку од нив загинале, а колку се ранети. Министерството за здравство сè уште собира податоци, додека новинската агенција Shehab, блиска на движењето Хамас, објави дека загинале 40 Палестинци.
„Нашите тимови сè уште трагаат и ги евакуираат ранетите. Ова наликува на уште еден насочен израелски масакр“, изјавил за Reuters еден функционер во Газа.
Израелската армија соопшти дека навнодно нејзини војници биле нападнати од борци на Хамас кои формирале командно-контролен центар во хуманитарната зона.
„Терористите напредуваа и извршија терористички напади против нашите војници и државата Израел“, се вели во соопштението на израелската армија.
Хамас ги отфрли сите обвинувања за користење на цивилни области за воени цели.
„Тоа е бесрамна лага за да се оправдаат овие страшни злосторства. Во зоните во кои живеат цивили нема наши членови, нема нико којшто би го искористил тој простор за воени цели“, рече Хамас.
Локалните жители изјавија дека над нив сѐ уште се слушаат израелски авиони, додека амбулантни возила на теренот го обиколуваат погоденото подрачје и ги транспортираат ранетите во болница.
Од 2,4 милиони жители на Газа, речиси и да нема некој кој не морал по неколкупати да го напушти својот дом, а некои се преселиле и до десет пати.
Завојуваните страни меѓусебно се обвинуваат дека не постигнале прекин на огнот што би ги запрело борбите и би овозможило ослободување на заложниците.