Поранешниот партнер на атлетичарката од Уганда, 33-годишната Ребека Чептегеи, кој беше обвинет дека ја убил полевајќи ја со бензин и запалувајќи ја мартатонката, почина во болница од изгореници здобиени за време на нападот, извести кенискиот весник The Star.
Според полицискиот извештај, осомничениот идентификуван како Диксон Ндиема Марангач влегол на имотот на Ребека Чептегеи во Ендебес, во Кенија на 1-ви септември додека таа била во црква со своите деца. Кога се вратиле од црква, ја полеал со бензин и ја запалил пред очите на децата, две девојчиња на возраст од 9 и 11 години.
Чептегеи, која се натпреваруваше на маратонот на Олимписките игри во Париз, се здоби со изгореници над 75 отсто од телото и почина четири дена подоцна. Нејзиниот убиец, кој се здоби со изгореници на 30 проценти од телото во нападот, почина во понеделникот вечерта во одделот за интензивна нега во истата болница, објави The Star.
Атлетичарката од Уганда ќе биде погребана во сабота со воени почести, имено Чептегеи беше припадничка на Силите за народна одбрана на Уганда (UPDF).
Иако живееше во Кенија, ќе биде погребана во Букуво, кој се наоѓа во источниот дел на Уганда.
Нејзиното убиство предизвика емотивни реакции и гнев низ целиот свет. Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик, „остро“ го осуди убиството, коешто „илустрира поширок проблем кој премногу често се игнорира, проблемот со насилството врз жените.
Таа е веќе трета позната спортистка која е убиена во Кенија во последните години.
Во октомври 2021 година, Агнес Џебет Тироп (25), олимписка тркачка и двократна бронзена медалистка на 10 километри на Светското првенство (2017, 2019) и четврта на Олимпијадата во Токио, беше избодена до смрт во нејзиниот дом во Итен. За нејзиното убиство беше обвинет нејзиниот сопруг Ибрахим Ротич.
Следната година, атлетичарката Дамарис Муте Мутуа беше пронајдена задавена, а нејзиното момче Коки Фаи, кое сè уште е во бегство, беше осомничено за убиство.
Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) наведува дека дури 725 жени биле убиени во Кенија во убиства врз основа на пол во 2022 година.