Над 1,3 милиони ученици во Грција денеска се враќаат во училишните клупи, а новата учебна година започнува со десет промени, меѓу кои и забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата. За прекршување на мерката, но и за снимање или сликање, предвидени се казни, јави МИА од Атина.
Учебната година носи и новини, меѓу другото, годинава има дополнителни вработувања на 10.000 просветни работници, се воведуваат автономни класови во оддалечени и малку населени места, а први се малите острови Гавдос и Арки, се проширува програмата со интерактивните табли; се воведува специјална апликација e-Parents за информирање на родителите и старателите за оценките на учениците, а за оние кои ќе полагаат државна матура, ќе постојат попладневни бесплатни дополнители часови за подготовка.
Новините што имаат за цел да го подобрат наставниот процес и училишниот живот беа презентирани пред две седмици на средбата на грчкиот премиер со раководството на Министерството за образование, религија и спорт, додека пак Мицотакис преку видео што синоќа го објави на Тик Ток говори за „Десетте промени што ќе ги видиш годинава на училиште пред да излезе новата GTA 6“.
Од Министерството за образование, религија и спорт пред две седмици информираа дека Грција им се приклучува на европските земји кои се стремат кон забрана за користење на мобилни телефони во училиштата, објаснувајќи дека Португалија и Шпанија целосно ја применуваат, во Франција и Финска се применува со одредени промена, додека Кипар и Шведска се блиску до нејзино усвојување.
За непочитување на забраната предвидено е ученикот да биде избркан од сите часови во текот на денот, во случај да ги снима или фотографира наставниците или соученици, без нивна согласност, казната е тридневна суспензија, додека ако е со согласност ќе биде суспендиран од еден до три дена.