Палестина за првпат меѓу земјите-членки на Генералното собрание на ОН

Во Њујорк вчера започна 79-то заседание на Генералното собрание на ОН, на кое шефовите на држави и влади и министрите за надворешни работи од целиот свет ќе ја претстават својата визија за меѓународната ситуација и ќе ги наведат начините за справување со глобалните предизвици.

Палестинците првпат зазедоа место меѓу земјите-членки на Генералното собрание на ОН, ново право што ѝ беше дадено на делегацијата и покрај тоа што не е полноправна членка на телото.

Во мај, огромно мнозинство од Генералното собрание потврди дека Палестинците заслужуваат полноправно членство, потег што беше блокиран од САД.

Сепак, Генералното собрание со резолуција ѝ додели на делегацијата одредени нови права, но се уште не може да гласа или да биде член на Советот за безбедност. Палестинците сега можат да поднесат предлози и амандмани и да седат меѓу земјите-членки.

Палестинскиот амбасадор во Обединетите нации, Ријад Мансур, го зазеде своето место на место означено како „Држава Палестина“ меѓу Шри Ланка и Судан.

– Ова не е само процедурална работа. Ова е историски момент за нас, рече египетскиот амбасадор Осама Махмуд Абделхалек Махмуд.

Исто како и при усвојувањето на резолуцијата, Израел го осуди потегот.

– Секоја одлука и или акција што го подобрува статусот на Палестинците, било во Генералното собрание на ОН или билатерално, во моментов е награда за тероризмот воопшто и особено за терористите на Хамас, изјави Џонатан Милер, заменик амбасадор на Израел во Обединетите нации.

Во април, по избувнувањето на војната во Газа, Палестинците, кои од 2012 година имаат статус на „држава набљудувач не-членка“, повторно почнаа кандидатура за полноправно членство. За полноправното членство не само што треба гласање од Генералното собрание, туку и препорака од Советот за безбедност. САД на 18 април ставија вето на препораката на Советот за безбедност за ова прашање.

Палестина ќе може да вклучи свои претставници во листата на говорници на состаноците за прашањата на Блискиот Исток, да предлага амандмани и да дава процедурални предлози во име на група земји. Сепак, Палестина ќе остане држава набљудувач, без право на глас на состаноците на Генералното собрание, а нејзините претставници нема да имаат право да се кандидираат за функции во телата на ОН.