„Вреди“: Фирма блиска со пратеник на Европскиот фронт добивала тендери во Државна лотарија

– Бујаре Абази од Коалицијата „Вреди“, денеска на прес-конференција изнесе тврдења дека фирмата „Ритрон копи ДООЕЛ“, која била тесно поврзана со пратеникот на Европскиот фронт, Елми Азири, во текот на 2022 година во два наврата добила тендер за јавни набавки во Државна лотарија со вредност од околу 3 милиони денари.

– Артан Ајрули фигурира како сопственик на фирмата „Ритрон Копи“ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, кој е внук на сопругата на Елми Азири. Оваа фирма во текот на 2022 година, во само три месеци има добиено две јавни набавки во Државна лотарија, каде директор беше Прпарин Бајрами, десна рака на Артан Груби, рече Абази.

Таа посочи дека набавките се однесуваат на купување на компјутерска опрема, графички станици, извлекување лотарија и телевизори за инсталација на електронски игри.

Вкупната вредност, на само овие две набавки преку Државна лотарија, заедно со анексите, изнесува околу 3 милиони денари.