Под покровителство на Општина Ѓорче Петров, во недела во реонскиот парк со почеток од 12 часот ќе биде реализирана манифестацијата “Од Бистра преку Дервен до Ханриево: На гости во Ханриево”.
Станува збор за фолклорна манифестација на која три години во континуитет, односно веќе традиционално во Ѓорче Петров, по седум детски ансамбли од културно-уметничките друштва го презентираат нашето богато фолклорно наследство. Целта е да се поттикне интересот кај најмладите за негување и зачувување на македонската традиција.
Овогодишни учесници се членовите од детските ансамбли на:
- КУД „Гердан од бисери“ – Охрид
- ансамбл „Керамичар“ – Велес
- КУД „Димитар Беровски“ – Берово
- ансамбл „Орце Николов“ – Скопје
- ансамбл „Јонче Христовски“ – Скопје
- ЕФЗ „Седум осмини“, од Скопје
Манифестацијата е во организација на Едукативното фолклорно здружение “Седум осмини” од Ѓорче Петров и истата е дел од одбележување на Денови на Општина Ѓорче Петров.
Во деновите што следуваат, доколку временските услови бидат соодветни, ќе бидат одржани уште културно-забавни настани за сите генерации. Ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во одбележување на Денови на Општина Ѓорче се до 20 септември, кога е предвиден централниот настан.