Холандија ќе прогласи вонредна состојба за да го ограничи бројот на барателите на азил

Холандија има намера да прогласи вонредна состојба за да го ограничи бројот на барателите на азил кои влегуваат во земјата.

Десничарскиот министер за азил Марјолеин Фабер изјави дека овој потег ќе ѝ овозможи на холандската влада „многу брзо“ да суспендира делови од постојните закони за азил.

Деталите за планот треба да бидат објавени подоцна во петок, откако владата на премиерот Дик Шуф ​​ќе ја претстави својата програма за политика во Хаг.

Секоја година во Холандија пристигнуваат околу 40.000 баратели на азил, што, како што тврдат критичарите, негативно се одразува на немањето станови во земјата.

Во случај на криза, холандската влада може да прогласи вонредна состојба благодарение на употребата на кралски декрет, кој ѝ дозволува да преземе одредени мерки без одобрение од парламентот, како што беше случајот за време на пандемијата на коронавирус. Но, таквата одлука мора да биде правно оправдана, а правните експерти се прашуваат дали бројот на баратели на азил, кој остана стабилен, е доволен за прогласување криза.

На ваквата најава револтирано реагираа опозициските партии кои го нарекоа владиниот план недемократски. Опозицијата смета дека станбената криза во земјава е последица на мерките за штедење.

Намалувањето на бројот на баратели на азил и мигранти е една од главните цели на новата холандска влада која ја презеде функцијата во јули. Коалицијата на четири партии ја вклучува и Партијата за слобода (PVV) на десничарскио лидер Герт Вилдерс, која победи на парламентарните избори во ноември 2023 година.