На европските берзи во понеделник во претпланевното тргување повеќето индекси благо паднаа додека инвеститорите се подготвуваат за возбудлива седмица пред одлуките за каматните стапки на централните банки на САД и на Велика Британија.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 во првиот дневен пресек од тргувањето беше во минус за 0,07 отсто, на 515 поени. Кај секторските индекси, најмногу во минус беа акциите на рударството со 0,7 отсто, а на автомобилите со 0,38 отсто. Истовремено, франкфуртски DAX ослабе за 0,29 отсто, на 18.647 поени, а париски CAC за 0,03 отсто, на 7.462 поени, додека лондонски Ftse порасна за 0,02 отсто, на 8.275 поени.
Најголем поединечен добитник беше францускиот „Rexel“, кој скокна за 12,6 отсто, откако групацијата ја одби понудата за преземање вредна околу 9,4 милијарди долари од QXO предводен од милијардерот Бред Џејкобс.
Во петокот европските берзи зајакнаа околу еден процент, бидејќи инвеститорите очекуваат американски Fed да го започне циклусот на намалување на каматите оваа седмица. Имајќи предвид дека намалувањето на каматните стапки во САД сега е речиси загарантирано, инвеститорите чекаат да видат колку Fed ќе ги намали стапките во среда и какви насоки ќе даде претседателот Џером Пауел за иднaта патека на монетарната политика.
И Bank of England (BoE) ќе одлучува за монетарната политика оваа седмица, во четврток, а пазарите во моментов се поделени околу тоа дали да ги намалат или не каматните стапки по втор пат во два месеци.
Инвеститорите денеска ќе го следат објавувањето на податоците за инфлацијата во Италија за август и трговскиот биланс на еврозоната во јули.