Европската унија и нејзините членки досега ѝ помогнаа на Украина со 118 милијарди евра, а до крајот на годината ќе обучат дополнителни 15.000 украински војници, објави во вторникот Европската комисија, а нејзиниот потпретседател Валдис Домбровскис тврди дека „доколку рускиот претседател Владимир Путин „не биде запрен во Украина, ќе нападне и други земји“.
„Руската агресија против Украина претставува егзистенцијална закана за европската безбедносна архитектура, а доколку рускиот претседател Владимир Путин не биде запрен, тој ќе одлучи да нападне други земји, вклучително и членки на ЕУ“, тврдеше потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис, во излагањето во Европскиот парламент во Стразбур.
Во дискусијата за резолуцијата за продолжување на помошта, за којашто ќе се гласа во четврток, Латвиецот рече дека ЕУ и нејзините членки досега ѝ помогнале на Украина со 118 милијарди евра.
Домбровскис во Стразбур тврдеше и дека забрзувањето на производството на муниција во Европа е успешно и дека производството на гранати од 155 милиметри до крајот на годината ќе достигне 1,4 милиони парчиња годишно. Комесарот рече дека ЕУ обучила 60.000 украински војници на своја територија како дел од мисијата EUMAM од 2022 година, а до крајот на годината ќе бидат обучени уште 15.000.
Украина веќе доби 1,4 милијарди евра добиени од замрзнати руски средства за вооружување, а ЕУ работи на испраќање дополнителни 46 милијарди евра од истиот извор.
„Кремљ директно ќе плати за својата брутална војна“, се закани Домбровскис.
Претставникот на Европската народна партија, Михаел Галер, член на германската Христијанско-демократска унија (CDU), им порача на парламентот и на пратениците „да престанете да се плашите“, бидејќи „секогаш кога Европа попушта, Кремљ ја ескалира ситуацијата“.
Галер ја повика германската влада и другите земји да ги укинат ограничувањата за употреба на западно оружје за да може Киев да го користи и на руска територија, тврдејќи дека е невозможно да се заштити целата украинска територија со противвоздушна одбрана, поради што фокусот треба да биде на целење на локациите од кои Русија цели на Украина.
Сергеј Лагодински, германски политичар од Зелените, кој пораснал во рускиот град Астрахан, рече дека ЕУ мора да продолжи да ја финансира Украина бидејќи нејзината безбедност не е бесплатна. За владата во Берлин тој рече дека испраќа контрапродуктивни сигнали, на пример со преполовување на поддршката за Украина во следниот буџет.
„Нема време за двоумење“, рече тој во Европскиот парламент, а во исто време германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок најави дополнителна 100 милиони берлинска помош за Киев во Молдавија.
Нејзината сонародничка Озлем Демирел во име на Левица рече дека „не е начин повеќе оружје“ и дека ситуацијата мора да се деескалира. „Не ни треба Трета светска војна, ни треба политика на деескалација“, рече Демирел, без да каже како да го постигнеме тоа и повика на голем протест на 3 октомври во Берлин.
Тамаш Дојч, член на групата Фидес и Патриоти за Европа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, смета дека војната во Украина не е војна за Европа и тврди дека испраќањето оружје и пари само го продолжува тој конфликт.
Претставник на Алтернатива за Германија (AfD), крајно десничарска партија во голем подем последните две години често обвинета за врски со Русија, тврди дека Украина не може да ја победи Русија со западно оружје и дека тоа е „заблуда“.
Ханс Нојхоф, исто така, тврдеше дека Русија нема империјални амбиции и дека војната можела да биде спречена доколку Украина одлучно кажела не на НАТО.