Португалија се бори со пожари, досега загинаа четири лица

Во шумските пожари кои беснеат во централна и северна Португалија досега настрадаа десет лица а повеќе од 40 се повредени, објави во вторникот државната новинска агенција Lusa, а властите во текот на ноќта го евакуираа населението од неколку португалски села.

Управата за цивилна заштита објави три смртни случаи до понеделник навечер и одби да го коментира извештајот на Lusa. Во северозападниот округ Авеиро, повеќе од 1.000 пожарникари цела ноќ се бореа со ширењето на четирите пожари.

Снимките на Reuters покажуваaт како локалното население истура кофи вода на пожар во близина на градот Нелас, на околу 50 километри источно од Авеиро. Агенциите пишуваат дека во внатрешноста на Португалија се активни 48 шумски пожари, а во гаснењето се ангажирани околу 5.000 пожарникари.

Локалните власти соопштија дека само во Авеиро, пожарите целосно уништиле повеќе од 10.000 хектари шума и жбунесто растение во изминатите два дена, што е приближно исто како и пожарите што ги проголтаа низ целата земја до крајот на август.

Командантот за национална вонредна состојба и цивилна заштита, Андре Фернандеш, во понеделникот изјави дека пожарите во Авеиро би можеле да проголтаат уште 20.000 хектари шума и ниска вегетација.

Властите досега затворија неколку автопати, вклучително и дел од главниот автопат што ги поврзува Лисабон и Порто, а железничкиот сообраќај е во прекин на две железнички линии во северна Португалија.

По дождливиот почеток на годината, има помалку пожари од вообичаено во Португалија и соседна Шпанија, но и двете земји остануваат ранливи на сè потопли и суви временски услови за кои научниците го обвинуваат глобалното затоплување.

За време на викендот температурите низ земјава беа над 30 Целзиусови степени. Тогаш првпат избувнаа пожарите и беа дополнително разгорени од силниот ветер. Метеоролошката агенција IPMA предвидува дека температурите ќе се задржат над 30 Целзиусови и следните два дена со екстремно ниска влажност.

Опасноста од пожари ќе продолжи да биде „висока, многу висока или максимална“ во северните и централните делови на земјата, се вели во соопштението на IPMA.

„Мораме да бидеме реални. Нè очекуваат тешки моменти во наредните денови и мора да се подготвиме за нив“, изјави премиерот Луиш Монтенегро за новинарите во понеделникот вечерта.

Владата во понеделникот побара помош од Европската комисија како дел од механизмот за цивилна заштита на ЕУ, поради што Шпанија, Италија и Грција испратија по два ертрактора да го контролираат пожарот.