Цените на нафтата се задржаа под 73 долари на меѓународните пазари во вторникот додека трговците ја чекаа одлуката за каматните стапки на американската централна банка, воздржани од знаците на намалената побарувачка во Кина.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 72,84 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по 23 центи повисока цена, по 70,32 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки во понеделникот поевтинил за 28 центи на 72,77 долари.
На почетокот од седмицата трговците беа фокусирани на прекин на производството во Мексиканскиот залив на САД поради ураганот Франсин. Во вторникот, американскиот регулатор објави дека нешто повеќе од 12 отсто од производството на нафта и 16 отсто од производството на гас сè уште се затворени. Околу 20 отсто од капацитетот за нафта и 28 отсто од капацитетот за производство на гас беа затворени во неделата.
„Цените на нафтата пораснаа од минатата среда, можеби поради загриженоста за снабдувањето по ураганот Френсин, за да се стабилизираат во вторникот, можеби поради заклучокот на трговците дека прекините во производството сепак ќе бидат краткотрајни, па загриженоста за побарувачката повторно преовладуваше, особено во Кина“, смета Харалампос Писурос од ХМ.
Преработката на нафта во кинеските рафинерии падна во август петти месец по ред под влијание на послабата побарувачка за гориво и ниските извозни цени, покажаа податоците објавени во саботата.
Трговците ја чекаат и одлуката на американската централна банка за каматните стапки. Fed ќе ja објави во среда, на крајот од дводневната сесија. Во САД очекуваат централната банка утре да започне циклус на намалување на каматните стапки и да ги намали за половина процентен поен. Пониската каматна стапка ќе ги намали трошоците за задолжувањето и би можела да ја стимулира економската активност, што би значело и поголема побарувачка за енергетски производи.