Чешките осигурителни компании ја проценуваат штетата од поплавите на 670 милиони евра

Поплавите во Чешка предизвикаа осигурена штета од околу 670 милиони евра, што е најголема од почетокот на векот, според проценката на осигурителите.

Половина од осигурената штета отпаѓа на домаќинствата а половина на фирмите, изјави портпаролот на чешката асоцијација на осигурители.

Тоа би значело дека овогодинешните поплави ќе го заземат второто место на листата на најскапи природни катастрофи во историјата на Чешка, по оние во 2002 година.

Хуманитарните организации повикаа на помош на граѓаните кои не се осигурени или чие осигурување не ја покрива во доволен обем штетите.

Државното шумско претпријатие „Lesy CR“ ја процени загубата на повеќе од осум милиони евра, истакнувајќи дека во државните шуми се оштетени околу 260.000 кубни метри дрва. Тие ги предупредија граѓаните да не влегуваат во шума поради опасност од паѓање на дрвја.

А штетата на транспортната инфраструктура веројатно ќе биде огромна бидејќи многу мостови се уништени или неупотребливи. Главната железничка станица во Острава, третиот по големина град во Чешка, заврши под вода и не е јасно кога повторно ќе може да прима возови.