По многуте полемики за Законот за нефер трговски практики, власта реши дека неговата примена ќе започне на 29-ти септември. Според информациите до кои дојде Денар, властите и засегнатите страни постигнале договор и се е подготвено за долгоочекуваното законско решение кое треба да направи ред во ланецот на трговија. Во меѓувреме, владата ги подготвува и сезонските потрошувачки кошнички кои на некој начин се обид за подобрување на куповната моќ! Опозицијата обвинува дека со големо задоцнување владата носи мерки за намалување на ценовните шокови.
Се е подготвено за старт на Законот кој треба да донесе фер трговски практики во Македонија. Информациите од Илинденска број два се дека на 29-ти септември на сила стапува законот кој е веќе шест месеци пролонгиран за да се приспособат компаниите на новите правила. Над 2500 прехранбени производи ќе имаат маржа до 10 отсто. На тој начин трговците нема да може да заработуваат на грбот на граѓаните. Добар дел од маркетите имаа производи со маржи и до 50 отсто. Надлежните најавуваат дека континуирано ќе се следат цените во тговијата со храна и инспекторите нема да имаат милост.
Во меѓувреме, во министерството за економија се уште траат преговорите и се формира листата за сезонските кошнички кои ги најави владата. Планот е да се намалат цените на производите кои граѓаните во овој период најмногу ги користат. На тој начин дополнително ќе се помогне во зачувување на ценовната стабилност и избегнување на нов ценовен шок велат од владеачката партија.
„Владата преговара со сите засегнати страни, како да се донесе правилна мерка и никој да не биде оштетен, но и како најмногу граѓаните да добијат. Државата, односно одговорна влада мора навремено да реагира за да ги држи стабилни цените“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Опозицијата пак обвинува дека власта се изгуби во првите 100 дена од своето владеење. Сите мерки кои досега ги најави се задоцнети, а есенската кошника која ја вети ќе стане зимска.
„Цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување, а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно. Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените, а платите продолжија да растат. Во Србија на пример поевтинија над 700 производи“, велат од СДСМ.
И додека се чекаат новите мерки на владата и законот за фер трговија кој го донесе старата влада, Организацијата за заштита на правата на потрошувачите испрати јасна порака, во која се наведува дека не е потребана политика туку волја да се помогне на граѓаните. Храната мора да поевтини, а трговците мора да се контролираат, бидејќи состгојбата со зголемувањето на цените на основните прехранбени производи станува неподнослива.