Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков учествуваше на Конференција посветена на родовата еднаковост во организација WOBA, регионална иницијатива од European Women on Boards.
На конференцијата министерката Трајков рече дека секоја иницијатива за учество на жените во општествениот живот е за поздравување и ја поддржува во целост: „Ја поздравувам и се залагам за секоја иницијатива каде главна улога е работата на жените особено во политичкиот и општествениот живот како во земјава така и надвор од неа. Македонките се жени кои можат, знаат и сакаат да учествуваат во сите процеси за напредок на нивната татковина.“
WOBA е активно вклучена во усогласување на регионот со Европската директива 2381/2022 која пропишува 40% жени во управните и надзорни одбори или 33% жени на менаџерски позиции.
Во Македонија иницијативата беше актуелизирана во март 2024 година и моментално има 50 членови од Македонија и 150 членови од регионот.
„Новата македонска влада особено се фокусира на вклученоста на жените во јавниот и политичкиот живот. Како политичка партија во предизборието и во нашата изборна кампања имавме одлична програма која без жените како двигатели на домот и општеството нема да може да ги реализираме. Имаме министгерки на клучни ресори во државата, во управните и надзорните одбори се вклучени жени, заменички министерки, но и нашето парламентарно мнозинство е обоено со женската мудрост и компетентност и јас сум задоволна од тоа како мојата политичка опција се залага за правата на жените. Треба да сработиме уште доста, но ние сме двигатели на промените.“- рече заменик министерката Трајков.
На панелот зборуваа и Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка и советничка на бородот на Стопанска банка АД Битола и Катерина Бошевска, директорка на EOS за Македонија и Косово.