Цените на нафтата се искачија над 74 долари на меѓународните пазари во четвртокот, откако американската централна банка ги намали трошоците за задолжување, што предизвика бран шпекулации за побарувачката и покрај сигналите за слабеење на пазарот на трудот.
На лондонскиот пазар со барелот се тргуваше попладнето по цена повисока за 90 центи од вчерашната цена на затворањето на тргувањето од 74,55 долари. На американскиот пазар цената поскапе за 88 центи, на 71,79 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета во средата на 73,65 долари.
Трговците во четвртокот беа фокусирани на намалувањето на клучните каматни стапки во САД. Во средата централната банка ги намали за половина процентен поен, на 4,75 до 5,00 отсто. Пониските каматни стапки обично ја стимулираат економската активност и побарувачката за енергетски производи.
Сепак, трговците беа воздржани, особено откако Fed значително ја зголеми својата проценка за стапката на невработеност оваа година, на 4,4 отсто. Минатата година, според пресметките на независниот институт CBO, изнесуваше 3,6 отсто.
Според проценката на централната банка, оваа и следната година најголемата светска економија треба да порасне за два отсто. Долгорочно, стапката на раст треба да биде 1,8 отсто, пресметаа тие.
Челникот на Fed, Џером Пауел, прогласи „победа над инфлацијата“, но намалувањето на каматните стапки го потврдува и влошувањето на пазарот на трудот, што ќе значи забавен економски раст, шпекулираат трговците.
Цените на нафтата се попречени и од знаците за послаба побарувачка во Кина. Преработката во кинеските рафинерии забави во август петти месец по ред, покажаа податоците од Заводот за статистика. Забавиле и индустриското производство и продажбата на мало, а забавен е и растот на новите цени на недвижностите.
Аналитичарите на Citi предвидуваат дефицит на понудата во четвртиот квартал од околу 400.000 барели дневно, што според нивните пресметки ќе ги задржи цените во Лондон во опсегoт од 70 до 75 долари за барел, но само привремено.
„Според повеќето сценарија, глобалниот нафтен биланс ќе се влоши во 2025 година“, напишаа тие.