САД не сакаат ниту една страна да го ескалира конфликтот на Блискиот исток, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, додека тензиите во регионот меѓу Израел и шиитското либанско движење Хезболах, поддржано од Иран, и натаму се високи.
Милер на редовната прес-конференција рече дека Вашингтон е посветен да го брани Израел од „терористички групи, вклучително Хезболах и други групи блиски до Иран“, но предупреди дека приоритет на Вашингтон е да ја деескалира ситуацијата.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го одложи планираното патување во Израел следната седмица поради ескалацијата на судирите на израелско-либанската граница, изјави во четвртокот информиран извор. Изворот на Reuters не ја навел причината за откажувањето.
Патувањето ќе се случи во време на зголемени тензии во регионот по нападите во кои беа разнесени пејџери и воки-токи кои ги користеле припаници на Хезболах, вклучително и политички активисти и цивили, за што Либан и Хезболах го обвинуваат Израел.
Во нападите загинаа 37 луѓе, а околу 3.000 беа ранети, а ова крвопролевање ги оптоварува либанските болници и внесе конфузија кај милитантната група.