Авион на полската компанија ЛОТ денеска принудно слета на аеродромот во Подгорица откако капетанот пријавил дека има дојава за бомба, јавува РТЦГ, наведувајќи дека првичните информации укажуваат дека се работи за лажна дојава.
Имено, една полска државјанка пријавила дека нејзиниот сопруг имал бомба во авионот, откако таа наводно останала на аеродромот, па сакала да се одмазди, пренесува РТЦГ.
Дојавата била примена околу17 часот, по што авионот бил изолиран а надлежните од аеродромот во Црна Гора изјавија дека патниците се безбедни а контролата се врши според пропишаните процедури во синхронизирана акција на Полициската управа, аеродромот и другите служби.
За време на летот над Унгарија, екипажот бил информиран од вработените на аеродромот во Варшава дека добиле дојава дека во тој авион била поставена експлозивна направа, за што по слетувањето на аеродромот екипажот ја известил црногорската полиција, велат од Управата на полицијата.
Полицијата наведува дека аеродромот во Подгорица не бил затворен во текот на безбедносните процедури.